Во периодот од 4ти до 9ти ноември 2019 година, македонскиот тим составен од учениците Симона Атанасовска, Нина Марковска, Андреј Величковски, Ане Денковска и Анастасија Алексовска, предводени од координаторот на проектот професор Јасмина Денковска и професорите Александар Митрички и Валентина Арсиќ учествуваа на четвртата средба од проектот “30 е премногу доцна“.

Темата на четвртата средба од проектот “30 е премногу доцна“ беше со наслов “Еден работен ден“, а учениците и наставниците присуствуваа на повеќе работилници кои имаа за цел да ги подобрат меките вештини на сите учесници, како и да ги запознаат со вештините потребни за започнување успешна кариера. Домаќинот на средбата беше училиштето Huriyet Anadolu Lisesi од Бурса, каде што се одржуваа повеќето активности.

Првиот ден, учениците и наставниците беа пречекани и поздравени токму од директорот на училиштето, а првите активности беа искористени за подобро меѓусебно запознавање и зближување. Останатите активности имаа за цел да ги подобрат комуникациските вештини на учесниците, како и работата во тимови, менаџирање со времето, креативноста, лидерстовото и други важни меки вештини. 

Учениците поминаа и работен ден во посета на различни успешни компании, каде во разговор со вработените и менаџерите се запознаа со начинот на работење и управување. Дополнителна активност за учениците беше прошетката во една од блиските шуми, каде нивните стекнати знаења беа ставени на тест, а тие преку работа во групи требаше да извршат  најразлични задачи. 

Странските делегации беа пречекани и од градоначалникот на Бурса, Alinur Aktas, кој ги поздрави сите гости, кои имаа можност со поставување прашања да се запознаат со функционирањето на градот уште повеќе.

Учениците освен со стекнати знаења за подобра идна кариера, се запознаа и со поразличниот начин на живот, храна и култура. Домаќините од Турција покажаа огромна гостопримливост. Активностите организирани од професорот по музичко, каде учениците имаа можности и сами да учествуваат во изведба на познатите турски песни, како и активностите за создавање уметнички дела со цртање во вода, беа одлична можност за сите гости уште подобро да се запознаат со турската култура, традиција, музика и уметност.

 

Напишете коментар