Револуционер, патриот, неуморен борец за слободна Македонија, за подобро утре, Македонец во вистинска смисла на зборот.
„Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“ – добро познатата мисла на Гоце Делчев која го вбројува во редот на прогресивните светски хуманисти.
Ѓорѓи Николов Делчев (Гоце Делчев) е роден на 4ти Февруари 1872 година во Кукуш. Израснал во многучлено семејство, како прво од деветте деца на Никола и Султана Делчеви. Имал тројца браќа и пет сестри. Татко му Никола Делчев, кукушанец, бил мошне познат и почитуван граѓанин, строг и чесен, дури се спротиставувал и на турската надменост. Бил во добра материјална состојба. Се занимавал со трговија со жито и држел крчма на житниот пазар во Кукуш. Мајка му Султана Делчева била особено хумана жена која им помагала на сиромашните луѓе и пленела со добрина и несебична љубов. Имал прекрасни родители кои го извеле на вистинскиот пат. Како дете Гоце бил примерен ученик и многу кроток. Сакал да биде во друштво на постарите, да ги слуша нивните раскажувања за далечните земји, за историски настани, за јунаците… Постои една анегдота за детството на Гоце. Кога имал само пет години при една расправија на родителите застанал во одбрана на својата мајка вербално штитејќи ја и притоа пројавувајќи невидена храброст пред строгиот татко. Уште од тогаш имал развиено чувство за заштита на потчинетите и послабите. Имал другари од различни националности и никогаш не правел разлика помеѓу нив. И подоцна Гоце бил човек кој не знаел за национализам, шовинизам и слични зла. Самиот тој велел: “Јас не ги мразам Османлиите како народ; јас војувам против османлиската тиранија како владеачки систем.” Тој е човек од кого можеме многу да научиме. Човек со големо срце полно со љубов за сите. За себе велел: “Јас по душа сум анархист, по убедување сум социјалдемократ, а по дела револуционер.”Сите го уважувале, дури и Турците имале голема почит кон личноста и делото на Гоце Делчев. Озогласениот Дервиш Ефенди бил восхитен од него: “Кажете му на тој чудесен јунак дека сакам да го видам и да му се поклонам. Ние сите, од царот до последниот заптија, одамна сме изморени, само тој не се уморува.”
Се школувал во Кукуш каде што завршил прогимназиско образование, па во Солун во Солунската машка гимназија и во Софија во Военото училиште. Подоцна и самиот Гоце учителствувал во Штип и Банско. Предавал четири предмети: геометрија, историја на природата, географија и француски јазик. Во едно штипско училиште работеле заедно со Даме Груев. Од првата средба, па се до трагичната смрт бил мошне близок со него. Двајцата биле многу добро прифатени од народот. Придонеле за отварање на нови класови, а добредојдени биле и возрасните кои посетувале вечерни училишта. Мисијата за описменување на народот била успешна, се повеќе луѓе сакале да се приклучат, се отворале училишта и во другите градови, била поставена здрава основа на која ќе се гради иднината на слободна Македонија. Толку многу поуки оставил зад себе. Цитирам уште една од нив: “Ќе бидете многу наивни ако им верувате на нашите зборови, гледајте ги нашите дела.”
Во ноември 1894 се приклучил на организацијата МРО. Се залагал за создавање на револуционерна клима. Успеал да внесе свежина во МРО. Се залагал за вклучување на жената во револуционерната борба. Неговата сестра Руша Делчева била член на МРО. Ја ширел организацијата и ја пропагирал идејата на револуцијата. Особено водел грижа за зацврстување на пограничните реони за пренос на оружје и на револуционерната литература. Преку организационите канали на МРО успеал да влијае врз зацврстувањето и поттикнувањето на голем број луѓе на револуција за ослободување на македонскиот народ. “Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешно востание. Кој мисли инаку да се ослободи, тој се лаже и себе си и другите. ”– ова бил ставот на Гоце за принципите на македонската револуција. Идеја која ни ја остави како аманет. Идеја од која можеме да извлечеме и општа поука за животот, а тоа е: самите со сите сили да се бориме за она што го сакаме, да не чекаме од другите да го сторат тоа за нас. “Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога ќе се прави востание ќе реши народот” – ова се зборови на Гоце Делчев при средбата со Данаил Николаев во Ќустендил, кога бил испратен да го попречи надворешното мешање во работите на револуционерната организација во Македонија. Според Ѓорче Петров, неговата концепција била дека “Ропството се должи пред се на самиот роб и кога ќе престане робот во душата да биде таков, ропството исчезнува само по себе”
Бил унапреден за директор на штипските училишта и со тоа имал поголемо влијание во ширењето на револуционерната идеја. Во текот на својот краток живот неколку пати бил затворан од турските власти, па поради непостоење на докази бил ослободуван. Во април 1896 година заедно со Ѓорче Петров биле ополномоштени да изработат Устав и Правилник. Уставот носел наслов “Устав на Тајната Македонско Одринска Револуционерна Организација” подоцна преименувана во Внатрешна Македонска Револуционерна Организација. По некое време ја прекинал учителската дејност и целосно се посветил на револуцијата.
Месец дена пред прераната смрт Гоце Делчев бил во Солун каде што бил сместен во просториите на машката гимназија. Неколку пати се сретнал со Даме Груев и дискутирале за кревање на востанието. Се разбрале востанието да биде четничко-партизанско и се согласиле да се одложи за подоцна. За време на неговиот престој во Солун ЦК му се пожалил од Гемиџиите (Солунските атентатори) кон кои Гоце имал одредена слабост, еднаш дури и финансиски ги потпомогнал. Со Даме Груев побарале од Гемиџиите да ги одложат акциите за подоцна и се обиделе да ги убедат дека терористичките акции треба да бидат усогласени со општиот план на Организацијата и да послужат како последно средство за притисок , но неуспешно, не наишле на разбирање. На почетокот на мај 1903 година Гоце Делчев, мошне вешто камуфлиран, планирал да се упати на Конгресот на Серскиот округ кој требало да се одржи на 6ти Мај во село Ловча. Меѓутоа, турската власт веќе одела по неговите стапки. Тој ни на сон не можел да претпостави дека врховистичката рака веќе го предала на турскиот режим. Во Солун веќе дејствувале Солунските атентатори. Францускиот параброд “Гвадалкивир”, Отоманската банка, поштата и други установи биле кренати во воздух. Вечерта на 2ри Мај 1903 година Гоце Делчев пристигнал во село Баница каде што се нашол со своите блиски соработници Димо Хаџи Димов, Димитар Гуштанов, Георги Бродлијата и др. Во меѓувреме Турците го опколиле селото. Утрото на 4ти Мај Гоце Делчев и неговата придружба биле известени за тоа. Се обидувале да го спасат селото, но Турците притискале. Настанала борба во која младиот Гоце Делчев, гордоста македонска, го загуби својот живот. “При застанување за полнење на пушката Гоце Делчев бил погоден, паднал врз пушката, се обидел да се крене и паднал мртов.” – вака е опишано згаснувањето на неговиот живот, изгледа, посакуваној од многумина душмани. Неговата смрт била регистрирана во повеќе османски телеграми, како и весници во цела Европа. Бил погребан во Баница. По дваесет години, во 1923 година неговите останки биле пренесени во домот на Илинденската Организација во Софија, а во 1946 година во слободната македонска татковина.
За жал, овој храбар јунак не доживеа да го види македонскиот народ како извојува слобода против пропагандите на соседните држави и Османлиската Империја. Гоце Делчев го даде животот за својата татковина. Сите Македонци треба да се благодарни и да се поклонат пред неговиот лик и дело. Тој е пример за сите идни генерации. Ќе остане запаметен како голем патриот, хуманист кој секогаш зрачел со оптимизам и верба во посветла иднина. Ние сега го живееме неговиот сон, сонот за слободна Македонија.