На 2 август 1944 година на Првото заседание на АСНОМ, денот кога се удрени темелите на младата македонска држава, а со Декларација на АСНОМ зацртани насоките за
нејзиниот понатамошен развој. Во неа, под точка 11 е зацртано: „Народната власт се старее да (ја) отстрани неписменоста и да ја подигне народната култура, како и да осигура безплатна просвета“. Веднаш потоа, на истото заседание на АСНОМ е регулирано: „Во македонската држава како службен јазик се заведуе народниот македонски јазик“ со дополнение со членот 2 во решението: „Ова решение влегуе веднага во сила“. За обавување на зацртаните задачи, при формирањето на ресорните органи при Президиумот АСНОМ беше формирано и Поверенство за народна просвета, преку кое набргу (од 2 септември до 5 септември 1944) се доставува и решението на Президиумот на АСНОМ за воспоставување на настава во основни и средни училишта, во кое се регулира:

Кумановската гимназија, денес СОУ Гимназија „Гоце Делчев“, името на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, за свој патрон го има од 2 фебруари 1945 година. Оттогаш до денес многу генерации го оформиле своето образование во оваа училишна зграда станувајќи зрели, возрасни луѓе и достојни градители на општината и на земјата.Угледот на училиштето траеше независно од реформите, новите наставни планови и програми кои што ги следеа современи текови на полето на едукацијата. Успесите се множеа како што од 45-та наваму поминуваа учебните години, признанијата, наградите од општествените, републичките и меѓународните натпревари, беа постојан и континуиран прилиг во севкупното живеење и на гимназијата и на градот.

чл. 1 Основната школска настава трае 7 години.

чл. 2 Средната школска настава трае 5 години.

Со оглед на условите, наставата во првото полугодие од учебната 1944/1945 во Кумановската гимназија воопшто не била реализирана. За таа цел, Президиумот на АСНОМ, Поверенството за народна просвета на 1 декември 1944 година издава Заповед (заведена под број 13) во која се вели: „Именувам за директор на Кумановската гимназија другарот Благој Георгиевски, родом од гр. Крива Паланка“. По примањето на должноста, веќе од 24 јануари 1945 година директорот на Гимназијата Георгиевски потпишува ново писмо, односно известие во кое се вели: „Сообштите во сите места на вашата околија да работа во Кумановската гимназија ќе започне на 1-II-1945 година“.

Просториите во кои ќе започне со работа Гимназијата се во денешното основно училиште „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“ (тогашна основна школа „Климент Охридски“), за што исто така има сведоштва во архивската граѓа, конкретно во извештајот на Просветно културниот оддел при Градскиот НОО Одбор за работа од 1 јануари до 1 февруари, во кој меѓу другото, е евидентирано: „Гимназијата исто е сместена во Основната школа и ќе започне со работа од 1. II “, што инаку е направен на 31 јануари 1945.

Во тој период, паралелно со сите други подготовки се работи и на изборот и поставувањето на просветниот кадар во Гимназијата. Така, на 26 јануари 1945, Градскиот НО Одбор во Куманово до Поверенството за народна просвета во Скопје го испраќа списокот на професорите, со придружно писмо во кое го информира: „Испраќаме ви список во дупликат и (13) тринаесет заповеди на гимназијалните учители за назначението им во Кумановската гимназија“. На овој список се наоѓаат имиња на девет личности со подробни податоци за нивното место на раѓање и завршеното образование. На крајот ова писмо завршува со дополнување: „За другите назначени за гр. Куманово гимназијални учители не можеме да дадеме исканите сведенија, пошто не располагаме со ниф, а учителите уште не се јавјаат“. Според сочувата главна книга во Архивата на Гимназијата, во таа учебна година во Гимназијата учеле 337 ученици.

Така, иако „партизански“, очигледно е дека наставата во Кумановската гимназија, во рамките на заложбите за образование и подигање на повисоко културно просветно ниво на населението, особено на младината, уште во првата учебна година започна доста организирано. Имено, сведочењата на тогашните гимназисти укажуваат дека станува збор за работа исполнета со многубројни проблеми, пред се, заради недостиг од учебници и било какви други помагала, заради што била користена и литература на други јазици, а наставата била вербална, сепак, за постоечките услови, успешно се организирала. Веќе наредната 1945/1946 година наставата е поорганизирана, а опфатот на младите генерации е помасовен, за што сведочи и фактот дека во главната или годишната книга од оваа учебна година се евидентирани речиси двојно повеќе, односно 618 ученици од кои: во I година-227; во II-166; III-137; и во IV-88.Во меѓувреме, паралелно со редовната настава, за надополнување на пропуштениот материјал од неа се организираат и таканаречени колективни часови за одделни предмети, а учениците се ангажираат и во другите форми на слободните активности. Покрај тоа, кумановските гимназисти во текот на 1946 година активно се вклучуваат во изградбата на првата младинска пруга Брчко-Бановиќи, а наредната Шамац-Сараево.

Од овој период, односно иницијативата и решението за изградба на новата гимназија во Архивот на општината, исто така постои сведоштво во форма на записник на Одборот за изградба на Гимназијата од седницата одржана на 6 август 1946 година, со која претседавал директорот Благоја Георгиев, во кое е назначена локацијата, но и планот за новиот објект: „Местото се наоѓа во центарот на градот и достапно е од сите страни. По површина целиот блок е околу 8000 m² што одговара наполно на голема зграда како гимназија…“ Тогашните гимназисти учествувале во изградбата, односно копањето на темелите на новата зграда во 1947 година, а во неа наставата за прв пат започнала да се одвива во учебната 1948/1949 година. Тогаш, според архивски податоци работела Полната гимназија „Гоце Делчев“, со 664 ученици и неполна со 815 ученици.

Во почетокот на учебната 1959/1960 година, при Гимназијата „Гоце Делчев“ се отвориле и педагошки паралелки и тоа две во првата, а една во втората година, кои во состав на Гимназијата работат до крајот на учебната 1959/1960. Во септември 1961 година од овие паралелки ќе се формира Учителската школа „Професор Мијалковиќ“, со 8 паралелки. Ова училиште практично функционира до учебната 1963/1964, кога согласно решението на Извршниот совет на СРМ, од 25 мај 1964 година учителската школа се припојува кон Гимназијата и нејзината работа практично гасне. Економското училиште, како самостојно се изделува од учебната 1958/1959 година и како такво работи се до 1988 година, кога повторно се редуцира како економска насока во УСО „Гоце Делчев“, а од 1993 година работи во рамките на Училиштето за средно образование „Перо Наков“.

Конкурсот за упис на ученици, меѓу кои и идните „гимназисти“ за учебната 1984/1985 година предвидува повеќе наставни програми за прва година и тоа: основи на биотехнологијата, основи на применета физика, основи на угостителско-туристичко работење, мајчин јазик и марксизам, биологија и хемија. Во истиот конкурс за таканаречениот трет и четврт степен на стручна подготовка се предвидени, исто така, повеќе струки и занимања: биотехничар, просветна струка, физичар-математичар, соработник-програмер, статичар-планер. Според оваа наставна програма Гимназијата, односно Училиштето за средно образование „Гоце Делчев“ работи до крајот на учебната 1990/1991 година. Учениците кои во септември 1991 година се запишуваат во Гимназијата, пак, во неа можат да се определат за општа гимназија или за природно-математичка гимназија.

Сето ова досега наведено е хронолошки развој и историска потврда за скоро шестдецениското постоење на оваа реномирана воспитно-образовна установа, искажана низ регистрирање на податоци, евидентирање на настани, архивски материјали, официјални регистрации, усогласувања со постоечки и важечки законски прописи… Меѓутоа, она што мора да се потенцира е фактот дека зад сите овие бројки, податоци, сеќавања, и наведените факти се крие шеесетгодишно пулсирање во Установата, непрекинат младински џагор и постојан и непрекинат протек на сите оние кумановчани кои низ гимназиските врати влегуваа како деца, а излегуваа како младинци со врутоци сеќавања: за сопствениот и личен помин во Училиштето, но и како потврда за градењето на живата и бурна севкупна негова историја. Тоа е полвековен живот на бројни и бројни генерации кои своето средно образование го стекнаа тука, а го продолжија на најразновидните виши и високи школи во Републиката и надвор од неа, ширум светот, достоинствено презентирајќи го името на Училиштето од кое израснуваа како идни врвни, меѓу нив и со светски глас стручњаци, буквално од сите области. И исто толкав непрекинат проток на постојано свежа, младинска крв низ дамарите на Училиштето, кои континуирано пулсираат и денес и во кои удирале низ годините најкарактеристичните струења, влијанија и живот на младите во градот воопшто. Ова е сведоштво за шестдецениско активно ангажирање и неуморна работа низ редовната настава и т.н. слободни ученички активности на над 150 просветни работници, кои времено или сиот свој работен век го вложија во образованието, воспитувањето на генерации и генерации кумановчани. Токму затоа со уверување и убедување може да се тврди дека секој од нив одделно, со својата работа, вистинскиот практичен соживот со учениците и нивното разбирање, со заеднички постигнатите успеси и резултати, со укажаната помош во трасирањето на иднината на безбројте индивидуи, со многубројните убави, интересни или било какви други карактеристични моменти, со искажаните досетки или спонтано наметнати дури и животни гесла, па дури и евентуалните недоразбирања, остануваат засекогаш во нечии спомени. Еднаш врежани младински доживувања преточени во сеќавања што остануваат засекогаш.